Ковачевски: Нема да има големи рокади на владините ресори

Лидерот на СДСМ кој од денеска е нов мандатар на Владата – Димитар Ковачевски рече дека принципот на одговорност ќе биде одлика на управувањето.

„Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој којшто извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување“ рече Ковачевски на тв Канал 5.

Тој додаде дека од работата на новата Влада може да се очекува силна посветеност на економските реформи во државата, силна посветеност на справувањето со најгорливите прашања, а тоа се предизвиците од енергетската глобална криза, корупцијата, владеењето на правото, како и продолжување на патот за влез во ЕУ.

Ковачевски порача дека важи за помалку попустлив човек, кој што бара одговорност и во однос на  соработниците, се држи до принципот на извршување на задачите.

„Она што е клучно е да бидат поставени луѓе коишто се одговорни и чесни и кои низ личен пример ќе покажат на кој начин треба да функционира еден политичар, во кој што треба да се врати довербата на граѓаните“ –  истакна Ковачевски.