Во Грција рекордни 21.657 нови случаи на Ковид-19
Грција бележи највисок број дневни случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата – рекордни 21.657 новозаразени, од кои речиси 10.000 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Починаа 60 лица, а 635 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците. Здравствените власти информираат дека дури 85 отсто од нив се невакцинирани или делумно вакцинирани.
Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 1.105.885 случаи на Ковид-19, а досега починаа 20.557 лица.
Грција воведе нови мерки што е планирано да стапат во сила следниот понеделник, на 3 јануари и со нив се предвидува угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови да затвораат на полноќ, а дозволено ќе биде до шест лица на една маса, а забрането е стоење, до 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор ќе работат од дома, а спортски натпревари ќе се одржуваат со 10 отсто публика или најмногу 1.000 лица.
Маската со висока заштита КН95, освен за супермаркетите и јавниот превоз, каде што е веќе задолжителна од петокот, ќе биде задолжителна од понеделник и за вработените во угостителскиот сектор.