„Се трудевме политичкиот дијалог, вкрстувањето на аргументите и битката за менување и подобрување на законските одредби за олеснување на животот на нашите граѓани да се одвива тука, во Собранието, во рамки на домот на демократијата и тоа можеше да се види преку телевизискиот собраниски канал и со следење на седниците преку стримување. Не велам дека ова е максималното што можевме да направиме, напротив, секогаш може повеќе, меѓутоа ве уверувам дека нашите уставни и деловнички обврски ќе продолжат и понатаму да бидат основната рамка во која ќе се движи Собранието на Република Северна Македонија“. Ова го соопшти претседателот на Собранието, Талат Џафери во својата завршна годишна изјава.
Џафери посочи дека и оваа година Собранието и пратениците работеле следејќи ги протоколите за заштита од КОВИД -19.
„Поради протоколите беа прекинати и организираните посети на граѓаните во Собранието и се одвиваа на виртуелен начин. Оваа година имавме и редовни локални избори кои наметнуваат одредени ограничување врз основа на Деловникот за работа на Собранието, за работа во време на изборни активности така што во тој период не одржувавме пленарни и комисиски седници“ рече Џафери.
По изборите и по најавената оставка на претседателот на Владата, настана период на неизвесен политички живот во земјава, кој, пак, предизвика делумна или техничка функционалност на домашните институции меѓу кои и Собранието, потенцираше собранискиот спикер.
„Сепак, и во ваквите ограничувачки услови, законодавниот дом ја потврди својата ефективност и продуктивност во дадениве услови. Од вкупно 59 пленарни седници, 39 се завршени. Незавршени пленарни седници се вкупно 20“ – рече Џафери.
Претседателот на Собранието соопшти дека во 2021 година се донесени вкупно 209 закони, од кои по редовна постапка се донесени 111, а по скратена постапка се донесени 79.