Дита Старова Ќерими: Сликањето е експлозивна реакција на уметникот

Интервју на Марија Димишкова

Националната галерија е гордост на македонското сликарство, а старински порти на трите изложбени салони се отворени и за светските уметници.

Реновираната „Мала Станица“ догодина треба да стане нов дел од големо атеље за сликарите и публиката.

Ние создаваме, но и го негуваме дострелот на визуелните уметности, вели директорот на националните галерии.

Дита Старова Ќерими и самата е сликар која шеста година раководи со галериското презентирање на уметноста. Во семејство на академик Луан Старова родителите не учеа како да се спојуваат музите на трите уметности – сликарство, музиката и пишаната реч, вели во интервју за „Трилинг“.

Во декември со две грандиозни изложби на сите македонски уметници се одбележаа 75 години од ДЛУМ.

„Публиката нѐ препознава и будно ги следи и оценува нашите активности, станавме потврден синоним за национален квалитет во доменот на визуелните уметности и со тоа особено се гордеам”.

Трилинг: Госпоѓа Старова, изминува втората година од вашиот втор мандат како директор на НУ „Национална галерија“. Тука се и објектите на „Мала станица“, „Чифте амам“ и „Даут-пашин амам“ и куќата на Лазар Личеноски. Ако се навратите наназад и на состојбата што ја затекнавте кога дојдовте на функцијата, што ви претставуваше најголем предизвик во работењето во изминативе 6 години?

Дита Старова Ќерими: Раководењето со Националната галерија, како најстара институција од областа на ликовната уметност кај нас, беше голем предизвик за мене. Во времето кога ја посетував како ликовен уметник, силно во мене трепереше чувството дека на Галеријата ѝ треба личност која темелно ќе ја измени сликата за неа од институција која си има програма што ретко се реализира во динамична институција препознаена од сите по содржината и богатата програма.

Откако застанав на чело на Галеријата, благодарејќи на поддршката што ја добив од тимот, станавме препознатливи по динамичните активности.

Мојата визија беше голема, и сѐ уште е голема и во текот на мојот втор мандат. Но морам да кажам дека за остварување на личната визија за темелни промени не се доволни секогаш само личните заложби. Предизвици се секојдневните административни лавиринти да се направат основни чекори кон промените. Некогаш се дури и обесхрабрувачки, нo притоа се водам од премисата на поранешната прва дама на САД, Елеонор Рузвелт: „Мораш да прифатиш што и да дојде и единствено важно е да го исполниш тоа со храброст и со најдоброто што треба да го дадеш“. Така и постапувам со тоа што го имаме на располагање. Сите ние го даваме најдоброто од себе во Галеријата и тоа се препознава.

Трилинг: Во вториов мандат пред вас се исправи еден голем предизвик, најголемата светската здравствена криза. Во раната фаза на пандемијата тимот на националната установа се приспособи на глобалниот тренд на работа и реализиравте дигитално претставување на уметноста. Постоеше ли неизвесност дали ќе успеете да ја задржите интеракцијата со љубителите на уметноста?

Дита Старова Ќерими: Неизвесност имаше и сѐ уште има. Тоа е предизвик на новото време генерално, дополнително отежнат со пандемијата. Музеите низ целиот свет, особено во последната деценија, се борат со реконцептуализации, реорганизации и прашања за својата функција и одржливост. Како што се менува животот, динамиката, технолошкиот развој, така и културните институции поминуваат низ своевидни филтри, осовременувања, просејувања на квалитетни и одржливи содржини. Согласно нашиот стандард и услови за работа, благодарение на функционалноста на нашиот тим, ние успеавме брзо да одговориме на промените. Јасно ги дефиниравме целите, одлучивме дека мора да најдеме начини да функционираме и да ги задоволуваме барањата на нашата публика без оглед на платформата или медиумот преку кој ќе го правиме тоа. Штом не можеше физички, преминавме на можноста која е веќе за секого достапна, а тоа е виртуелниот свет, социјалните медиуми, дигиталните платформи. И бидејќи брзо и креативно изреагиравме со неколку проекти, останавме активни и бевме актуелни и во тој карантински период. Публиката не беше запоставена, луѓето постојано нѐ следеа и чинам со нетрпение чекаа да се отворат нашите простори за да можат и физички да ги следат понудените содржини. Постојано се трудиме квалитетот на нашите проекти да го задржиме на високо ниво, а покрај визуелните содржини да понудиме и друг тип запознавање со содржините преку онлајн вебинари, едукативни работилници, видеа за запознавање со уметниците итн. За среќа, нашата публика не ја изгуби довербата во нас ниту во време на криза, а по отворањето на институциите се врати во нашите објекти со уште поголем жар за понудените содржини.

Трилинг: Националната галерија благодарение на вашето раководење денеска има статус на една од најпрепознатливите институции од областа на уметноста во земјава. Изминатава година реализиравте голем број изложби и проекти за подигнување на јавната свест на граѓаните. Како ја оценувате 2021 година и каква е моменталната динамика, се врати ли публиката во музеите?

Дита Старова Ќерими: Како што веќе кажав, привремената карантинска состојба само физички ни ја одзеде публиката, но во тој период ние понудивме поинакви содржини за да го задржиме нејзиното внимание. По отворањето на институциите, и покрај заштитните мерки, нашите изложби се одлично посетени, благодарение на квалитетните проекти и содржините што ги нудиме, како и на постојаната анимација на публиката со нашите активности. 2021 ја оценувам како одлична година, со одлични проекти и со исклучителна публика која високо ги оценува нашите активности. Имавме изложби на светски и регионални високо афирмирани уметници, имавме општествено одговорни проекти што се занимаваат со горливи и актуелни прашања, како заштита на животната средина и екологијата, организиравме извонредни ретроспективи и јубилеи на македонски доајени, концептуални и тематски самостојни и групни изложби и проекти и, секако, одлични едукативни проекти со кои ја подигнуваме свеста за важноста за социјална инклузија на ранливите категории. Публиката нѐ препознава и будно ги следи и оценува нашите активности, станавме потврден синоним за национален квалитет во доменот на визуелните уметности и со тоа особено се гордеам.

Трилинг: Со какви визии и предизвици влегувате во новата година?

Дита Старова Ќерими: Во 2022. година влегуваме со надежта дека мојата основна визија како директор на Националната галерија е `Мала станица` да добие лик на светски музеј со сите потребни услови што ги задоволуваат највисоките стандарди за претставување секаков вид изложби. Се разбира, презентацијата на еден настан, односно изложба, е една од основните дејности на Галеријата, меѓутоа таа не се состои само од она што е видливо за посетителите, туку е склоп од повеќе различни последователни процеси кои во себе содржат и соодветно времено и трајно чување на уметничките дела. Затоа се радувам што конечно ќе почнат големите реконструктивни зафати во `Мала станица`, која е дел од капиталните инвестиции за 2021 година. Во завршна фаза е склучувањето на договорот за изработка на проектот, кој според утврдената динамика се планира да заврши во април, и потоа да се почне со фазите за реконструкција. Сметаме дека со реконструкцијата на `Мала станица` воедно ќе се исполнат и основните стандарди за подигнување на нивото и на музејската дејност на нашата установа, која чува и штити значајна колекција на движно културно наследство од македонски автори, автори од поранешните југословенски простори и други.

Во меѓувреме се одвива и реконструкцијата на Спомен-куќата на Лазар Личеноски, легат кој мора веќе да добие соодветни услови за презентација на животот и творештвото на еден од најзначајните основоположници на македонската модерна уметност. Освен овие доминантно технички зафати, се радувам што можам да ја најавам и големата ретроспективна изложба на Димитар Кондовски, со која ќе ја продолжиме традицијата на што посеопфатно претставување на нашите врвни автори и да се задржиме на националната мисија која е содржана и во самиот назив на нашата институција.

Трилинг: Растевте во семејство во кое пишаниот збор и уметноста беа посебно вреднувани. Имате уште две сестри кои исто така се занимаваат со уметност. Во една прилика велите дека најголемата благодарност за успехот им ја должите на своите родители. Кои беа најважните лекции за уметноста и културата кои ги добивте од академик Луан Старова и професор Гзиме Старова?

Дита Старова Ќерими: Советите што ми ги даваа моите родители и денес сѐ уште ми служат како патоказ во животот и во моите професионални обврски. Постојано ни ги повторуваа предностите на солидното образование, зашто знаењето е нешто што никој не може да ти го земе. Секогаш ми велеа да се усовршувам во сѐ што ќе работам, и особено постојано да читам, зашто, како што ми вели татко ми, книгата е најверниот пријател до крајот на животот и ослободува несетена креативна енергија. А од мајка ми ми одѕвонува сѐ уште нејзиниот совет да имам трпение во односите со луѓето и особено со моите соработници. Од нив научив дека макотрпната работа и трудот се клучот за успехот. Нѐ упатуваа да научиме повеќе јазици често повторувајќи ни „Колку јазици знаеш, за толку луѓе вредиш“. Друг нивен совет што би го издвоила е „Никогаш не откажувај се.“

Трилинг: Госпоѓа Старова, првите допири со сликарството ги правите во 1994 година во Париз. Се враќате во Скопје и ја изучувате ликовната уметност во класата на професор Симон Шемов. Имате остварено повеќе од 14 самостојни и над 50 групни изложби во САД, Франција, Турција, Косово, Бугарија и во Македонија. Во кој правец моментално се развива вашата кариера како ликовен уметник?

Дита Старова Ќерими: За Париз, Хемингвеј еднаш рекол: Ако сте доволно среќни да сте живееле во Париз како млад човек, тогаш каде и да одите до крајот на животот, тој останува со вас, бидејќи Париз е подвижна гозба. Така и во мене се силно врежани сеќавањата на прекрасниот Париз со голема историска култура. Сето доживеано од најмала возраст во најубавиот европски град во мене има оставено силен печат, што ми дава модел за тоа како треба да создавам нови дела и да дејствувам во промоција на културата.

Мојата улога како прв промотор на ликовната уметност во нашата земја е мошне сложена и поврзана со обемна работа. Секако дека како креативец имам постојан внатрешен порив да творам, па и покрај многуте обврски, настојувам да работам секојдневно на некое ново дело. Во тек е мојата изложба во галеријата „Gienetta“ во Цирих, Швајцарија.

Имам доста покани за изложување надвор од земјата, но имајќи предвид дека од година во година се зголемува обемноста на активностите во Галеријата, ќе почекам малку.

Трилинг: Каков е статусот на ликовните уметници во државата?

Дита Старова Ќерими: Едно од основните начела на мојата визија е да ги наметнам во прв план потребите на ликовните уметници. Низ годините заедно со тимот создадовме програма која сведочеше за значењето нa ликовната уметност. Не губам надеж дека статусот ќе се промени. Сега не можам да речам дека сум задоволна, бидејќи повеќето колеги мора да се занимаваат и споредна работа за да можат да опстојат како уметници.

Трилинг: Професор сте на Факултетот за архитектура и дизајн при Американскиот колеџ во Скопје. Каков е ставот на младите генерации за ликовната уметност?

Дита Старова Ќерими: Се радувам што младите кај нас сѐ повеќе се одлучуваат за уметноста и избираат да се насочат кон изучување на ликовните уметности. Пред некое време го посетив Средното уметничко училиште, каде што бев пречекана од моите колеги кои неуморно работат. Можам да кажам дека сѐ уште сум под силни импресии како училиштето постојано се развива, напредува и расте низ сите овие години откако јас завршив, колку прогресивно ги развиваат новите програми и насоки што им се нудат на учениците.

Се радувам што денес младите се почести посетители на нашата институција, а преку програмите на нашиот едукативен оддел се исто така активни и во различните проекти што ги нудиме.

Фотограф – Маја Аргакиева