Зеленски: Иран зема крвави пари од Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Иран дека зема „крвни пари“ од Русија за беспилотни летала камикази, кои руските сили ги користат во смртоносните напади врз украинските градови, вклучително и Киев.

Руската употреба на беспилотни летала во војната против Украина се интензивираше од летото, кога Москва, според тврдењата на САД и Киев, набавила беспилотни летала Шахед-136 од Иран. И покрај доказите, Техеран негира дека и продавал дронови на Русија.

„Не му верувам на раководството на Иран. Тие јавно го негираат сето ова, велат дека не и продале ништо на Русија. Но, овде гледаме стотици напади со беспилотни летала. Во Украина, во Киев, гледаме напади врз цивилната инфраструктура. на училиштата, на универзитетите. Тие го уништуваат нашиот енергетски систем со нив“, рече Зеленски во интервју за канадската телевизија CTV.

Си-Ен-Ен неодамна објави, повикувајќи се на извори во разузнавачката заедница, дека Иран испраќа воен персонал на Крим за да ја обучи руската војска за употреба на беспилотни летала.

Портпаролот на иранската мисија во ОН рече: „Иран го отфрла тврдењето“.

Зеленски вели дека не му верува на Техеран: „Иран им ги испраќа тие беспилотни летала на Русите. Тоа им овозможува да убиваат Украинци. Тие склучија договор, се работи за пари. Крвавите пари што ги заработува Иран“.