Париз, главниот град на Франција… Верувам дека знаете колку е романтичен, но дали некој ви (рас)кажал колку може да биде реално поучен? Ајде да ја доближиме и таа негова карактеристика која особено во ова доба (може да) е многу значајна за нас. И веројатно нема посоодветно место од кое може да се пишува оваа моја последна колумна за годинава, од самиот Париз – метрополата која ќе биде во фокус на македонското општество во текот на следната година, а најмногу во првите шест месеци додека Франција претседава со ЕУ.
Моето прво доаѓање тука беше пред речиси 13 години за време на Европската турнеја како дел од апсолвентската екскурзија. Тогаш само три дена во Париз, кога имав 21 година, за прв пат ме научија неколку лекции кои и ден денес ми се едни од водечките во животот, а директно или индиректно се одраз на нашето пошироко опкружување. За да може секој да ги разбере, ќе ја споделам случката од која тие беа инспирирани.
Париз беше третиот град во низата кој го посетивме, веднаш по Виена и Минхен, но првиот во кој престојувавме подолго од еден ден и посетувавме знаменитости и до доцна вечер. Така беше и првиот ден кога за прв пат се возевме со метро и по долгиот ден исполнет со посети на добро познатите локации, околу полноќ се враќавме кон хотелот во кој бевме сместени. Кога излеговме од станицата за метро, продолживме пешки како група. На чело ни беше водичот на нашиот автобус кој всушност не беше некој водич со искуство (како брат му на пример кој водеше друг автобус од истата турнеја), но затоа пак од почетокот имаше некое чудно его и сакаше да остави впечаток пред групата дека знае што прави… Тоа траеше сè додека не нè изгуби таа вечер пешачејќи во обратен правец од нашиот хотел. Бидејќи дента токму јас со него ја гледав мапата за метроата, набрзо сфатив дека сме во обратен правец. Кога ми се појави таа дилема, за секој случај, заедно со уште четворица врсници од автобусот, прашавме неколкумина локални жители кои ни потврдија дека сме во обратен правец. За жал не успеавме да го разубедиме водичот кој упорно продолжи да ја води групата. Ние петмина се одвоивме од групата и сакавме да се вратиме во хотелот со такси. За жал бевме петмина, мораше да бидеме во два автомобили, а такси превозот ни беше скап, па одлучивме да пешачиме до хотелот. Ни рекоа дека има околу 2-3 километри. Откако пешачевме подолго време, некако се најдовме на голем мост, на автопат и немавме ориентација уште колку имаме до хотелот. Јас бев одлучен да прашаме некого, но се појавија две пречки. Не успеавме да сретнеме луѓе веќе неколку минути, а беше еден часот по полноќ, па сите останати плашејќи се ми велеа да не прашуваме бидејќи е ризично (особено кога ни наиде еден парталав црн човек на велосипед). Сепак одлучив да го прашам! Знаев малку француски, па се разбравме половина на француски, половина на англиски. Тој извади од џебот еден голем мобилен телефон на допир (touch), како што во тоа време сè уште никој немаше во Македонија, и на навигацијата ми покажа за уште колку малку ќе стигнеме во нашиот хотел. И стигнавме! И тоа во исто време со останатата група од нашиот автобус кои токму тогаш нервозни викаа симнувајќи се од некој друг автобус и втрчувајќи во хотелот!? Водичот, видно потресен, ме викна во лобито на хотелот и ме замоли да ја прегледаме убаво мапата за метроата и да направиме детален план за утре дента. Се согласив. Останавме будни до четири часот рано наутро и го разработивме планот до најмали детали. Тој втор ден веќе не се изгубивме во Париз, а водичот при секоја дилема ќе ме прашаше гласно дали сме на вистинскиот пат. Е тогаш, во тие моменти, ќе се јавеа некои од врсниците со коментари од типот: „Што се прави сега паметен Мирослав?“ „Зошто водичот го слуша токму него?“ и некои слични дофрлувања… Како и да е, ние потоа продолживме со незаборавната Европска турнеја.
Суштината на тоа мое искуство завршува тука, а ова се петте научени лекции оттогаш до ден денес:
1. Практикувањето непотизам и доделувањето улоги и одговорности спротивно на принципот на заслуги (како во случајот со водичот) секогаш носи негативни (а понекогаш и страшни) последици.
2. Оние кои имаат изразен его пристап без повод и причина, постојано ја истакнуваат својата титула и формата мислејќи дека така ќе изградат авторитет, а не дозволуваат релевантни препораки, сугестии и совети, најчесто имаат многу плитка суштина.
3. Прашувајте! Кога и да имаме дилема и наједноставното прашање е подобро од која било претпоставка. Ова е и вистинскиот момент да заборавиме на предрасудите и стереотипите кои најчесто се во нашата глава и опкружување, но не и во реалноста (сите врсници неосновано страшно го доживуваа тој: „црнечки кварт во Париз“).
4. Колку и да сте квалитетни и добронамерни, секогаш ќе се појави некој на кој тоа ќе му смета и ниту најмалку нема да го цени тоа што сте помогнале и направиле (како што му помагав на водичот до четири часот наутро). И оваа случка, а и подоцна животот ме научи дека уште повеќе не го ценат тоа што сте помогнале и сте ги научиле ако не им го наплатите (што поскапо, тоа подобро!) и не само што не сте го наплатиле, туку сте оставиле некој друг неосновано да земе пари (плата/награда).
5. Ако размислувате малку поразлично од мнозинството, воедно сте храбри, одлучни, темелни, снаодливи, желни за секојдневна надградба и подготвени да издржите какви и препреки да се појават и да измудрувате неверојатни решенија, тогаш сте поготвени да станете претприемачи! И не постои диплома / сертификат што тоа може доволно да ви го обезбеди без да го почувствувате и испробате самите на своја кожа!
Ова се петте лекции што мене од романтичен, Париз ми го доближија и покажаа во светло на реално поучен град! Така беше низ овие 13 години. А дали сега можеби е време повторно да се потсетиме дека некогаш одамна романтизмот ја избавил Западна Европа од реализмот, ѝ додал шмек, ѝ донел напредок!? Затоа во духот на празничната атмосфера и пречекот на 2022 година која неминовно ќе ги зближи Франција и Македонија, романтичарски ќе си посакам и за мене и за цела Македонија, досегашниот реализам да го преточиме во реален напредок, како поединци и како општество, за да му покажеме на светот зашто е добро и важно токму нас Македонците да нè имаат во секое просперитетно друштво. Нека ни е среќна, здрава и просперитетна новата 2022 година!
Мирослав Драганов
Главен директор за продажба и маркетинг – WIDNET Solutions