Благица Петрески: Неизвесности и ризици пренесени и во 2022 година
„Економска апсурдност е да очекуваш да не биде полошо. Сега е важно домашните компании да инвестираат“ вели извршната директорка на „Finance Think“ - Благица Петрески. Таа очекува следната година да заврши со раст од 4 проценти.
2021 година беше година на заздравување после ударот од кризата, но и година на неизвезности.
Започнувањето на имунизацијата и нормализацијата на економските текови позитивно влијаеа врз домашната економија. Надворешната трговија се интензивираше, како резултат на побрзото опоравување на глобалните економии и активностите на странските инвестиции во земјата.
Истовремено, олабавените мерки, придружени со поддршката на доходот на домаќинствата ја стимулираа приватната потрошувачка. Но, бруто инвестициите останаа релативно воздржани. Тоа се должи главно на неизвесностите кои постоеја во текот на целата година.
Започнувајќи од неизвесности поврзани со пандемијата (доцнењето на почетокот на имунизацијата проследена со недоволно темпо на имунизација и со појавата на нови соеви на вирусот), енергетската криза, ценовните притисоци и политичките турбуленции.
Очекувањата се годината да ја завршиме со 4,1 процент раст на БДП. Економските движења во 2022 година, во голема мера ќе зависат од глобалното закрепнување и особено заздравувањето на европските пазари. Сепак, годината ја започнуваме со неизвесности и негативни ризици. Дел доаѓаат од глобалната економија, а се поврзани со неизвесностите поврзани со пандемијата и сеуште бавното заздравување на глобалните синџии на добавување.
Но, еден дел се и домашните каскања во справување со енергетската криза, како и бавна имплементација на структурни реформи кои требаше да поттикнат поголема конкурентност на домашните компании и стимулираат инвестиции. Оттука, очекувањата се 2022 година да ја завршиме со раст од 4 проценти и да се вратиме на пред пандемиско ниво.