Неколку милијарди луѓе во светот денеска го слават Божиќ, според Грегоријанскиот календар, но и годинава прославата е под сенка на пандемијата на коронавирусот, исто како и лани, особено поради појавата на новиот сој Омикрон.
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска ќе служи миса и ќе се обрати на традиционалната божиќна „Порака до градот и светот“ (Urbi et Orbi).
Папата синиоќа служеше миса на Бадник во црквата Свети Петар, додека околу 2.000 верници со маски пред базиликата ја следеа церемонијата на екраните. Тој ги повика верниците повторно да ги „откријат малите радости на животот“ и да бидат понизни. На мисата, која беше преведена на повеќе јазици, присуствуваа амбасадори и претставници на други христијански цркви. Имаше околу 200 свештеници, бискупи и кардинали, кои исто така носеа маски.
Неколку стотици луѓе се собраа вчера вечерта во Витлеем, палестински град на окупираниот Западен Брег.