Фон дер Лајен: Путин не смее да победи!

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на отворањето на 17. Бледски стратешки форум изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не смее да ја добие војната со Украина. Таа нагласи дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина, наведувајќи дека овогодинешната тема на форумот – последиците од војната во Украина врз Европа и светот е најактуелното прашање во моментов.

„Мораме да ги заштитиме нашите вредности и нашите пријатели. Светот внимателно го следи нашиот одговор на руската агресија. Пораката не може да биде појасна. Ако сакаме да ги зачуваме основните принципи, како што се самоопределувањето и неповредливоста на границите, Путин не може да победи во оваа војна, а Украина мора да победи. Тоа е сосема јасно”, рече шефицата на ЕК.

Фон дер Лајен најави нови и поголеми санкции против Русија

„Ние го правиме тоа за Украина, го правиме за да ги зачуваме нашите европски вредности и да им покажеме на Русија и на светот дека кршењето на меѓународните правила скапо се плаќа” – рече таа.

Таа рече дека ЕУ ќе продолжи да му дава поддршка на регионот и оти чекорите што ги прават Северна Македонија и Албанија се многу важни.

„Нашите пријатели од Западен Балкан се дел од нашето европско семејство. Просперитетот на Балканот целосно зависи од интеграцијата на регионот во остатокот од Европа. Најважно е дека луѓето од Западен Балкан со големо мнозинство сакаат да се приклучат на Европската унија” – рече таа.