Бектеши: Арачиново ќе биде позитивен пример дека елементарните прашања се решаваат фер и транспарентно

„Општина Арачиново ќе биде една од општините што ќе биде позитивен пример и за другите општини, дека навистина елементарните прашања како што е снабдувањето со електрична енергија, но и обврските што ги имаме како граѓани, ќе се одвиваат на фер и непристрасен начин, не дискриминирајќи никого“.

Ова денеска го изјави министерот за економија, Крешник Бектеши во емисија на ТВ21.

Тој рече дека истовремено обврска на институциите, почнувајќи од локалната до централната власт е да создадат основни услови за сите жители и да побараат од жителите да си ги исполнат обврските.

„За општина Арачиново со години се зборува, штета што во 21 век зборуваме за средства кои ги издвојува Владата, за општина која континуирано е дискриминирана. Ние нема да застанеме тука, ќе одвоиме дополнителни средства за општина Арачиново, за изградба на канализација, водовод и слично“ – рече Бектеши.

Истакна дека во општина Арачиново со 80 посто загуба на електрична енергија врз основа на податоците на ЕВН, направената штета е од 5 до 6 милиони евра, што е меѓу 10 проценти од вкупната штета.

„Во моментов загубите на електрична енергија на државно ниво се близу 100 милиони евра по сегашни цени, додека во општина Арачиново со 80 отсто загуба на електрична енергија врз основа на податоците на ЕВН, направената штета е од 5 до 6 милиони евра што е меѓу 10 посто од вкупната штета“ – рече Бектеши.