Се зголемија цените на нафтата поради можно намалување на производството од ОПЕК

Цените на нафтата на светските берзи пораснаа минатата недела бидејќи ОПЕК може да го намали производството за да ја балансира понудата и побарувачката.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 4,4 отсто, на 100,99 долари.

Цените беа поддржани од пораките од Саудиска Арабија дека водечките производители би можеле да ја намалат понудата за да го балансираат пазарот и да го неутрализираат враќањето на пазарот на иранска нафта во случај на нуклеарен договор.

И некои други производители на ОПЕК, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, го поддржуваат размислувањето на Ријад за нафтените пазари.

Од друга страна, преговорите за иранската нуклеарна програма претставуваат тежина на цените. Договорот ќе ја отвори вратата за враќање на пазарот на санкционираната иранска нафта, што би значело зголемување на понудата во услови на слаба побарувачка.

Поради екстремно високата инфлација, централните банки на западните земји со месеци ги зголемуваат каматните стапки, што ќе го забави растот на економиите, а со тоа и побарувачката на енергетски производи.

За да се избори со највисоката инфлација во последните повеќе од 40 години, американската централна банка од март ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени, а сосема е јасно дека ќе ги зголемат и во септември.

Прашање е само за колку, 0,50 или 0,75 процентни поени.