Курти со благодарност за Борел, Лајчак и Ескобар

„Нормализација на односите мора да содржи во себе реципроцитет, како што имплицираат добрососедските односи“.

Ова денеска го изјави косовскиот премиер Алин Курти откако синоќа беше постигнат договор меѓу Косово и Србија за личните документи.

„Граѓаните на република Косово со документите за лична идентификација кои ги издава нашата земја, ќе можат да ја преминат границата со Србија на сите гранични премини без никакви пречки, или дополнителни оптеретувања и одлагање“ – напиша Курти на Фејсбук.

Тој додава дека истото ќе се применува и за оние кои што доаѓаат од спротивна насока, односно за влезот во Косово на граница ќе биде доволно за Србите да покажат само лична карта.

Косовскиот премиер им се заблагодари за поддршката и трпението на комесарот на ЕУ за надворешна политики и безбедност – Жозеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог – Мирослав Лајчак и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан – Габриел Ескобар.