За да се купи стан во Скопје треба да се работи од 10 до 17,5 години
За да се купи стан во Скопје потребни се од 117 до 211 просечни плати, или вкупната заработувачка на едно лице од приближно 10 до 17,5 години, покажува анализата на МИА.
Податоците се врз основа на движењето на цена на квадрат од 1.000 до 1.800 евра зависно од локацијата и општината во главниот град и просечната исплатена нето плата во државава во јуни годинава во износ од 31.869 денари (518 евра).
Во градовите од внатрешноста македонските граѓани може да дојдат до ново живеалиште и со вкупната заработувачка од 7 години.
Анализата покажува дека стан од 60 квадрати на најатрактивните локации во Скопје кој се продава по цена од 1.800 евра чини 108.000 или 208 просечни плати, што е над 17 години работа, доколку се плати во готово.
За стан во Центар од 60 квадрати, со цена од 1.600 евра по метар квадратен, се потребни 96.000 евра, односно 185,3 просечни плати или примања во рок од 15 години.
За стан со истата квадратура во населбата Капиштец по цена од 1.200 евра, треба да се одвојат 72.000 евра, односно приближно 140 просечни плати или да се работи над 11 години.
За стан од 60 квадрати во градба во Општина Кисела Вода, огласен со цена од 1.400 евра за метар квадратен треба да се платат 84.000 евра, односно 162 плати или 13,5 години работа.
Доколку некој се одлучи за стан со таа површина, но по цена од околу 1.000 евра по квадрат што во огласите може да се најде во само во периферните населби, ќе треба да одвои 117 плати, односно да ги штеди сите примања речиси 10 години.
За да се купи луксузен стан во Охрид од 63 квадрати, за кој цената е 1.450 евра, се потребни 91.350 евра, што се 179 просечни плати или речиси 15 години.
Во Охрид, меѓу огласените станови за продажба има и по цена од 1.080 евра, па за стан од 56 квадрати се потребни 60.480 евра или 118 просечни нето плати, или приближно десет години.
Во Штип за огласен стан од 52 квадрати за вкупно 52.000 евра се потребни 100 просечни плати, односно 8,3 години.
За да се купи стан во Дојран, пак, каде дел од огласените се по цени и од 900 евра за метар квадратен, за 60 квадрати се потребни 54.000 евра односно 104 просечни плати или 8,6 години работа.
За во Кочани, пак, за стан во градба од 60 метри квадратни, по цена од 730 евра, или вкупно 43.800 евра, треба да се работи седум години, односно да се одвојат 84 плати.
Една година помалку, односно вкупно шест години треба да се работи за стан со таа квадратура во Крива Паланка, каде има огласени станови по цена и од 625 евра за метар квадратен.