Затруени се стотина туристи во Будва, сите јаделе во истиот ресторан

Најмалку 96 туристи наводно се затруле со храна во ресторан во Будва, потврдија повеќе извори за црногоркиот портал Дан.

Тоа се претежно туристи од Полска, Словачка и Словенија и речиси сите биле гости во ист ресторан. Сите тие се сместени или добиле лекарска помош во болниците во Котор, Бар и Цетиње.

Во општина Будва е потврдено дека има труење со храна и дека гостите од ресторан се пријавиле во медицински установи поради стомачни проблеми.

Порталот Дан засега официјална потврда добил само од општата болница во Котор, каде синоќа биле примени голем број туристи со стомачни проблеми.

„Синоќа околу 22 часот примивме 30 лица во болницата во Котор, од кои голем дел беа деца на возраст од 15-16 години. Донесени се со акутен синдром – повраќање. Сите беа брзо згрижени, а утрово повторно беа направени лабораториските испитувања. После тоа околу 11 часот утринава се пуштени на домашно лекување“ изјавил директорот на которската болница др. Давор Кумбуровиќ.

„Се уште не успеавме да добиеме официјална потврда за останатите туристи кои се затруле и за објектот каде јаделе. Во Здравствениот дом во Будва дури ни рекоа дека не знаат за што се работи, додека во државните институции никој не сака да зборува за тоа, бидејќи е неработен ден“ – пишува црногорски Дан.