Владата ќе одвои субвенција од 2 денара по килограм откупено грозје

Дополнителни два денари субвенции за откупен килограм грозје – Владата се договори со лозарите и винариите во годинешната реколта смедеревката да се откупува за 13 денари, односно 15 денари заедно со субвенциите, а вранецот за 15 односно за 17 денари.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека ако на ова се додадат и субвенциите од 40.000 односно 48.000 денари по хектар, се добиваат плус 3 денари за килограм, со што лозарите добиваат вкупно 18 денари за килограм за смедеревка и 20 денари за килограм за вранец.

Дополнително на средбата било договорено, да биде воведена и нова мерка за зелена нафта или да бидат доделени и 4 300 денари за хектар.

Лозарите и винарите пак велат дека очекувале и поголема поддршка, но биле задоволни и со овие дополнителни два денари. Постигнатиот компромис за цената на овие сорти ќе ги ублажел маките како што велат по штетите од невремето кое ја зафати Тиквешијата.

Премиерот Ковачевски пак бил задоволен од домашното производство на грозје кое како што вели било стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво, додека просечното годишно производство на вино сега било околу 100 милиони литри.

На состанокот на лидерите од Иницијативата „Отворен Балкан“ во Србија, ќе се промовираат 42 винарници и 3 дестилерии од Македонија кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина.

Ковачевски најавува и нов закон за вино кој ќе бил усогласен со европската регулатива.