Три месеци затвор за Габриел Бајрам за тепањето келнер

Габриел Бајрам признал вина за насилството во скопски ресторан, објави А1он.

Според информациите, кривичниот суд му изрече три месеци затвор за фрлањето шишиња и чаши кон келнер.

Осуден е и неговиот син, но со условна казна.

Габриел Бајрам е пуштен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари во домашен притвор до правосилноста на пресудата.

Бајрам еден месец е во затвор затоа што Обвинителството сметаше дека тој може да избега и да влијае на сведоци.

Двајцата насилството го сториле во ресторанот „Аквадукт“ на булевар „Словенија“ во Скопје.

„Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот” – информираа од Обвинителство, пренесе А1он.