Битиќи: Граѓаните да не се грижат, електрична и топлинска енергија ќе има доволно
Во рамките на континуираниот процес на дијалог и дискусија помеѓу Владата и другите органи на државна управа со претставниците на бизнис секторот, во Владата на Република Северна Македонија се одржа редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог со која ко-претседаваше заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, а присуствуваа и вицепремиерот Маричиќ, министерот за финансии, Бесими, министерката за труд и социјална политика, Тренчевска, директорката на УЈП, Лукаревска, директорката на Царинската управа, Кутиров како и претседателите на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог Трајан Ангелоски (Сојуз на стопански комори), Неби Хоџа (Стопанска комора на Северозападна Македонија), Анета Антова Пешева (МАСИТ) и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
Вицепремиерот Битиќи на почетокот ги извести присутните за планот на производство на АД ЕСМ.
„Планот за производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25% во споредба со 2021 година и со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи, и нема потреба да купува струја. Дополнително, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција, и поради тоа ги уверувам граѓаните дека граѓаните не треба да се грижат, електрична енергија како и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима“, изјави Битиќи.