Петровска: Многу лажни вести имаше во врска со францускиот предлог

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во гостување на ТВ21 рече дека многу лажни вести биле пласирани околу францускиот предлог.

„Хибридните закани се многу поопасни од конвенционалниот начин на војување затоа што тие се невидливи, меѓутоа ги гледаме на разни други начини“ – рече Петровска.

Таа посочи дека по започнувањето на војната во Украина, на Северна Македонија и се случува хибридна војна преку ширење лажни информации или дезинформации кои се пласираат целно, за да се постави погрешна слика за тоа што се случува.

„Кога стануваше збор за францускиот предлог и за негова презентација во јавноста исто така многу брзо беа лажно соопштувани некои информации, дополнително ширење на дезинформации во таа насока се со цел да се направи една многу лоша, непогодна атмосфера во општеството“ – смета Петровска.