Бектеши: Арачиново добива струја – арачиновци на протести пред ЕВН

За Арачиново да не е во мрак најдовме решение, напиша на „фејсбук“ Министерот за економија Крешник Бектеши. Според објавата во која тој им се обраќа на жителите на Арачиново се вели дека има решение кое е привремено, со надеж дека ќе биде долгорочно, ако се почитувал договорот и законите во државата. Бектеши на крајот од пораката до граѓаните вели и дека „треба да вложиме максимални напори да заштедиме струја, па со тоа и семејниот буџет за да не ја влошиме состојбата со енергетската криза!“

Какво е решението за струјата во Арачиново и што истото вклучува на „фејсбук“ Министерот не напишал, а обидите на Канал 5 да стапи во директен контакт со него завршија неуспешно.

Според неофицијалните информации дел од договорот помеѓу градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими, кој инаку е од редовите на ДУИ, Министерот за економија и претставници на ЕВН вклучува жителите да им дозволат на стручните екипи да си вршат работата.

На разговорите за струјата во оваа општина со владин претставнк им претходеше протест на Арачиновци пред канцелариите на ЕВН во скопски Бутел, а помеѓу нив беше и градоначалникот. Тие ја обвинија компанијата за неажурност во решавање на проблемот, а во дел од изјавите пренесени во медиуми и се закануваа кон директорот на подрачната служба на ЕВН.

За Канал 5 од ЕВН пак, велат дека не е безбедно да испратат екипи на терен бидејќи трпат вербални и физички напади на локалното население. Оттаму додаваат дека годишно губат по 6 милиона евра поради нелегалните приклучувања во Арачиново.

„Во Арачиново нашите екипи многу често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на мештаните, со што во целост им се оневозможува работењето. За да се работи мора да се создадат услови за нормално работење, како за дефекти така и за реконструкција и модернизирање на мрежата. Се додека не постојат нормални услови за работење и има спречување во работата, нема да постои можност за санација.“

Во меѓувреме реагираше народниот правобранител кој побара од МВР да обезбеди безбедна средина за вработените на ЕВН и што побрзо нормализирање на снабдувањето со струја. Оттаму појаснуваат дека добиле и преставка од група граѓани кои редовно ги плаќале сметките за струја.

Од МВР пак се децидни дека кога ќе се побара од нив интервенција, тие интервенирале.

“За секоја пријава се излегува на лице место се констатира фактичката состојба при што доколку се утврдат елементи за постоење на кривично дело до ОЈО Скопје се поднесува кривична пријава за „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ согласно член 235-а.

Инаку, во Арачиново, кражбата на струја не е единствениот проблем. Локалните власти воопшто не наплаќаат данок на имот со години наназад со образложение дека не располагаат со база на податоци на даночни обврзници, а општинската каса е празна.