Арсовска: Граѓаните мора редовно да ги плаќаат давачките кон Градот

„На булеварите и улиците кои се под надлежност на Град Скопје нема да се гаси уличното осветлување“ кажа градоначалничката Данела Арсовска.

„Нема под ниту едни услови да го исклучиме јавното осветлување на булеварите и улиците кои се под надлежност на Градот. Затоа ќе направиме сè што е можно да се намалат трошоците за струја, но не врз грб на граѓаните односно да се загрози нивната безбедност и сигурност. Како дел од мерките и препораките кои ги дадовме до јавните претпријатија и институции се да се приспособат системите на осветлување во одредени временски интервали, како и замена на осветлувањето со лед светилки. Ќе се ограничува осветлувањето на згради, фасади и реклами, а на нула ќе се сведат сите непродуктивни трошоци“ – рече Арсовска.

Град Скопје ќе почне и со поставување соларни панели на објектите кои се под негова надлежност со цел за две години сите да имаат обновливи извори на енергија, рече Арсовска и ги повика граѓаните да дадат свој придонес со тоа што редовно ќе ги плаќаат давачките кон Градот.

„Имаме голем број граѓани кои се недисциплинирани во плаќање на обврските кон Градот и јавните претпријатија, како што е данокот на имот и сите оние јавни давачки, кои се неопходни за да функционира еден град. Ако не се плаќаат обврските кон Градот, не можеме да даваме квалитетна услуга и сме ограничени во она што може да го направиме. Затоа, денес апелирам до граѓаните кои ги немаат подмирено обврските, да го направат тоа во интерес на пошироката јавноста“ – дададе Арсовска.