Од 23 факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, четири нудат по над илјада слободни места за студенти кои би се запишале во прва година во академската 2022/2023 на претстојните уписи.
Природно-математичкиот (ПМФ), Филолошкиот, Правниот факултет и ФИНКИ заедно располагаат со 4.535 места за бруцоши или 41,53 отсто од вкупно 10.918 предвидени во Конкурсот на УКИМ за новата студиска година.
ПМФ има најмногу слободни места (1.275), нуди 28 студиски програми на кои може да се запишат бруцоши – 655 места се за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 445 за редовни кои плаќаат школарина и 175 слободни места за вонредни студенти.
„Најголем интерес во последните неколку години постои за студиите по биологија, посебно за студиските програми Биохемија и физиологија и Молекуларна биологија со генетика. Постои растечки тренд и во бројот на студенти кои се одлучуваат да студираат хемија на студиската програма Применета хемија – аналитичка биохемија“ – изјави за МИА проф. д-р Александар Скепаровски, декан на ПМФ.
Од оваа учебна година на студиите по биологија се нуди нова студиската програма по Екологија и животна средина (тригодишни студии). Минатата учебна (2021/2022) година започна со реализација студиската програма Менаџмент и заштита на културното наследство на Институтот за етнологија и антропологија.
-Голем дел од студиските програми кои беа акредитирани во 2016 и 2017 година поминаа низ процес на реакредитација, па и покрај тоа што тие ги задржаа своите називи, нивните наставни програми и планови се освежени и модернизирани, додава деканот на Природно-математичкиот факултет.
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ може да прими 1125 студенти во прва година на 22 студиски програми – 555 редовни во државна квота, 430 редовни со школарина и 140 вонредни.
Според Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет се слободни 10 918 места: 5306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра се наменети 4522 места и 1090 места за вонредни студенти.
Пријавувањето на кандидатите кои се рангираат само според успехот од средното образование ќе биде на 30 и 31 август во првиот рок, иако на факултетите е веќе отворен системот за електронско аплицирање пред официјалните датуми.
На 15 и 16 септември е вториот и на 28 септември – третиот рок.
Оние кандидати кои покрај успехот од средното образование се рангираат и според проверка на знаења и умеења, првиот рок за пријавување е на 25 и 26 август во првиот рок, вториот е на 14 и 15 септември и третиот рок на 28 септември.