Во Португалија 2.000 пожарникари ги гасат пожарите низ земјата

Трет топлотен бран од почетокот на јули во Португалија, земјата е во состојба на готовност поради опасност од шумските пожари.

Вчера речиси 2.000 пожарникари биле мобилизирани во гасење пожари низ земјата, соопштија од цивилната одбрана.

Најголемиот пожар беше во околината на Вила Реал.

„Според привремена проценка, во пожарот изгореа 4.500 хектари“ – информираше националниот директор за цивилна заштита Андре Фернандес.

Метеоролозите најавија температури околу 40 степени Целзиусови во земјата. Португалија, која годинава е зафатена од исклучителна суша, го регистрираше најтоплиот јули во изминатите речиси сто години.

Од јануари изгореа над 94.000 хектари, што е најголема површина по смртоносните пожари во 2017 година, каде загинаа стотина лица, покажаа новите податоци на Институтот за заштита на природата и шумата.