„Еуростандард банка е само една алка во синџирот организиран банкарски криминал“
„Еуростандард банка е само една алка во синџирот организиран банкарски криминал со незаконско финансирање од банки кон компании, а Народната банка и институциите во Македонија знаат“.
Ова меѓудругото на денешната прес-конференција го изјави меѓународниот експерт за организиран криминал Драго Кос.
„Во Македонија од 2004 до 2020 е поставен систем за незаконско финансирање од банките. Во еден од случаите, банката А дава кредит на фирма од 500.000 евра и тој кредит истиот ден отишол во банката Б, па оттаму истиот кредит со позајмица во друга фирма, па во друга банка, а еден ден подоцна, кредитот се враќа во банката А. Банките одредувале каде компаниите ќе даваат позајмици. Од овој систем заработувале банките. Во тој систем имало седум банки, 45 компании и едно физичко лице кое било активно во шемата“ – рече Кос.
Тој посочи дека „НБРМ не сакала да ја запише формално оваа банкарска шема, а контролите на банката ги покажале овие шеми, но го избегнала вистинскиот проблем и не презела ништо освен во случајот со Еуростандард. НРБМ постојано барала докапитализација, а не ја барала вистинската причина на проблемот и тоа резултирало со стечај на Еуростандард. Се поставува прашањето зошто во август 2021 година се прогласил стечај иако на тоа имала законско право? Управата работела добро, имало и нов инвеститор, не знам зошто тоа се случило баш тогаш, но последиците од одлуката ги знаеме. Ова не значи дека оваа шема не постои во други банки“.
Грешките на Народна банка ќе останат неоткриени оти никој не сака да копа по нив, а најмалку државните институции, сметаат експертите.
„Многу институции знаеле за овие банкарски шеми, знаеле сите, но никој не сакал да се впушти во истражување на случајот. Оваа шема ќе падне, но што ќе биде подоцна, тоа ќе повлече поголем број банки со себе. Финансиските последици за државата може да бидат катастрофални за сите“ велат експертите за корупција.
„Еуростандард банка беше убиена со умисла“, порача мнозинскиот акционер на Еуростандард банка, Трифун Костовски.
„Кога го сменивме стариот одбор, кој видовме дека е умешан во нелегалните трансанцкии без мое знаење, сакавме од нив да се откачиме. Кога почнавме да трагаме по парите, донесена е одлуката од сивата еминенција, Народна банка го направи сатарот“ – кажа Костовски.