Русковска: Не е точно дека се подготвувало апсење на министер

„Шпекулација е дека се подготвувало апсење на министер“, изјавила за „А1он“ – Вилма Русковска, шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, која е суспендирана.

Според информациите, таа вели дека не е точно дека поради можно влијание, повторување на делото и бегство, се планирало барање на притвор за министер, а поради предметот каде се испитува зошто во Министерството за внатрешни работи со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија.

Претходно, некои македонски медиуми објавија дека извори во Јавното обвинителство тврдат дека се завршени сите потребни предистражни постапки за случајот во кој е инволвиран министерот и прибавени се сите неопходни докази за прекршување на законот.