Азески бара конкретна помош од Владата: Бараме враќање од „партиска“ кон „државна“ агенда

Бранко Азески – претседателот на Стопанската комора во колумна посочува дека бизнис секторот е подготвен заедно со надлежните во текот на следната недела да бараат спас за економијата во земјава. Предлогот е претставници на бизнисот да бидат дел од владините и парламентарни седници каде се носат крупните одлуки.

„Бараме враќање од „партиска“ кон „државна“ агенда. Потребен е нов рамковен договор за економски реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години. Само со ваков пристап бизнис секторот ќе може да работи во амбиент кој е стабилен, предвидлив и долгорочно ориентиран“ – вели тој.

Тој посочи дека во текот на идната недела комората ќе одржи состаноци и консулатации, а ќе има и средба со министерот за финансии.

„80% од инфлацијата моментално доаѓа од увозот на храна и енергенси. Само за пример храна оваа година ќе увеземе за 700 милиони евра. Што е апсолутен дебакл на нашата 30 годишна самостојност, со потрошени над една милијарда субвенции без конкретна додадена вредност и без стратешка национална свест и визија. Да заклучиме, ние не сме луѓе што немаме алтернатива и што нема да најдеме решение за било каков проблем. Точно е дека овие проблеми имаат меѓународен карактер, но дајте ние да си ги решиме нашите“ пишува Азески.