Тоа се воведните зборови на отворањето на 43.издание на фестивалот „Браќа Манаки“.
„Битола овие денови ќе биде еден од главните центри на светската филмска мапа. По сите овие 43 фестивалски изданија реалноста не ни е доволна и секоја година фестивалот расте и се развива и сега веќе можеме да кажеме дека прерасна во еден од главните културни идентитети на Македонија. Фестивалот ‘Браќа Манаки’ е всушност еден голем мост што ја поврзува македонската со светската кинематографија. Ние во фестивалот ги направивме сите возможни и невозможни работи за 43. Фестивалско издание да биде гордост на публиката, а Битола во овие фестивалски денови да пулсира во знакот на филмската уметност“, рече Симеон Мони Дамевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки”.
Дамевски му додели на Најџел Волтерс, долгогодишен претседател на ИМАГО, посебна награда, Почесна златна камера 300, која досега не била доделена.
„Уште кога станав претседател на ИМАГО ми рекоа, мора да внимаваш на Фестивалот ‘Браќа Манаки’, затоа што тоа е фестивалот каде што се слави филмската камера. И оттогаш сите даваме сѐ да се продолжи оваа традиција и соодветно да се прослават кинематограферите и во таа насока се одржува и Балканската конференција на ИМАГО“, рече Волтерс заблагодарувајќи им се на Фестивалот и на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм” ја додели претседатлот на ДФРМ, Игор Иванов Изи.
„Постојат навистина многу причини зошто токму Горјан Тозија треба да ја добие наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм”. Можеби најмалата од тие причини е тоа што тој е човекот кој ја измисли оваа награда. А во потрага по еден вистински систем на вредности во време кога некои вредности можеби беа заборавени, тој се одлучи да ја воспостави оваа награда и прв нејзин лауреат да биде Кирил Ценевски, токму во време кога беше малку заборавен. А потоа следеа многу значајни и големи имиња кои блескаат на големото или зад големото македонско филмско платно. И овој фестивал може да биде поделен на две епохи, пред и после Медо, затоа што оние кои се упатени многу добро знаат дека токму во време на неговиот мандат кога тој беше директор на овој фестивал, „Браќа Манаки” од значаен и убав, но сепак регионален настан, прерасна во светски фестивал на кој ги гледаме најголемите имиња на светскиот филм и на филмската камера“ , рече Иванов.