Со индигнација ги отфрлаат препораките, за стотина македонски научници тие се ништовни и нерелевантни

Повеќе од сто македонски научници и истражувачи со индигација ги отфрлаат Препораките на Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и ги сметаат за псевдонаучни, поради неколку причини.

Научниците и истражувачите објавија заедничка изјава по повод „Препораките за заедничко одбележување на историски личности“ на „Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“.

Нивната Изјава ја пренесуваме во целост:

Имајќи ги предвид етичките кодекси на академската заедница, современите научни методи и парадигми, автономноста на научно-истражувачката дејност, како и интегритетот на македонските општествени, хуманистички и историските науки, ние, припадниците на академската и научно-истражувачката заедница од Република Македонија, со индигнација ги отфрламе Препораките на Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и истите ги сметаме за псевдонаучни, поради следниве причини:

– „Препораките…“ го игнорираат фактот дека ‘и
сториското право не е призната категорија во меѓународното право, па следствено – за историските прашања не се валидни политичките спорови и договори.

– „Препораките…“ ја интерпретираат, па и ја ревидираат македонската и регионалната балканска историја на начин кој има политички претекст, поради што отстапуваат од принципот на научност и етичност.

– Политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки за историја која има мултилатерален и унилатерален карактер, па не може да се официјализира како „заедничка“ бугарско – македонска историја, претставува повреда на референтната парадигма на хуманистичките науки.

– Под привид на реципроцитет, „Препораките…“ промовираат метод на арбитрарно и пристрасно толкување на историските факти, личности, настани и процеси кои се значајни за повеќе народи, култури, држави и епохи.