Колумна на Никица Корубин: Идентитетот, одбрана на неодбранливото

Што е тоа идентитет? Како еден од нај(зло)употребуваните поими во јавниот дискурс, добро е да се знае што точно се подразбира кога ќе се каже ,,нашиот идентитет,,. А, уште подобро е да се знае што под тоа подразбираат највисоките политички носители на власта (премиер, претседател, министер) кога ќе кажат ,,по цена на идентиетот, не ни треба ЕУ,, или ,,не може да тргуваме со нашиот идентитет,,. Иако, терминологијата како да гравитира околу приземна, па и испразно користена реторика, сепак прашањето е многу сериозно и допира до суштината на нашата самоидентификација како народ, како колектив. Токму поради тоа, уште пострашно е масовното, но несуштинско користење на поимот ,,идентитет,,. Особено од страна на претставници на државата, која токму како систем и форма треба да се грижи за негување на тој идентитет.

Иако се сомневам дека тие што така сигурно и страсно го употребуваат ,,идентитетот,, знаат со истата сигурност и да објаснат, што точно тој значи; а уште помалку што точно тие како носители на власта, направиле за зачувување токму на тој идентитет. И за разлика од јавниот говор, официјален или неофицијален, каде е оставена целата слобода за сеопшта употреба на идентитетот; во контекст на системот и државата, постојат механизми и институции, кои се занимаваат со тој идентитет. Па, токму тука ја гледаме вистинската грижа или вистината на изговорената грижа за ,,идентитетот,, и опасноста тој да биде загрозен или изгубен. И ако се погледнат тие институции и третманот што го добиваат од државата и бескрајната грижа на нејзините јавни, политички функционери, лесно увидуваме дека опасноста никако не доаѓа од надвор, туку исклучиво од внатре. Во манирот на ,,не прашувајте што државата направи за вас, туку да видиме што вие направивте за државата,, да видиме навистина што десетици и десетици министри, премиери, претседатели, пратеници; направија за системот на образование и наука во областа на ,идентитетот,, односно археологијата, историјата, историјата на уметноста, културното наследство, јазикот, етнологијата, класичните студии итн.

Дали некој, а особено оној кој зачестено, го употребува поимот ,,идентитет,, знае како изгледа Катедрата за археологија и историја на уметност кај нас? Која е наставната програма, кој е наставниот кадар? Како изгледа Катедрата за историја, што се учи и кој предава? Што се случува на Институтот за историја? Што се случува на Археолошкиот институт? Тука, конкретно и ништо не се случува, бидејќи и не постои. Во земја со повеќе од 10.000 археолошки локалитети (реално и многу повеќе), не постои специјализирана научна институција. Веројатно од преголемата декларативна грижа за идентитетот. Ама, затоа имаме Институт за старословенска култура, како политичка одлука за дефиниција на нашиот идентитет, кој не остава простор за научна дебата. Катедрата за класични студии? Што се случува на Институтот за етнологија и антропологија, за кој никој не знае да одговори зошто се наоѓа на Природно-математичкиот факултет. Дали некој знае што се случува по ова прашање во МАНУ? Во нивниот истражувачки центар за културното наследство во кое има дури тројца истражувачи ? Затоа што ова е темелот на нашето образование и наука, ова е нашиот фундус, нашата системска основа, нашата врвна грижа за тоа како го негуваме, градиме и заштитуваме нашиот идентитет, нашето културно наследство. Се разбира, никој не ги заборава, ниту катедрите и институтит за македонски јазик, ама фокусот на овој текст е токму најиндикативниот и ,,проблематичниот,, дел, а тоа е археологијата и историјата.

Кога ќе слушнете дека во два политички договора, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, постојат комисии за историски и образовни прашања; треба да ви е јасно дека тие ќе бидат толку ,,силни,, во застапувањето на страната на Северна Македонија во меѓународните преговори, колку што самата држава им ја дала силата. Толку колку што и ја дала силата на науката и образованието. Токму толку колку што се грижи за идентитетот. Бидејќи, текстот го третира ,,македонизмот,, односно, она што го нарекуваме идентитет, во анализата на програмската поставеност на самите катедри и институти, се судираме со два паралелни проблеми: прво, каков е квалитетот на самите програми, но и севкупната екипираност на институциите; и второ колку самите студии ја изучуваат историјата на Македонија како посебност, а не само како дел од целината?

Посебно е клучно второто прашање, затоа што една е потребата за знаење на општата култура, но која е нашата посебност? Како ние го третираме воопшто македонизмот во нашите образовни институции? Како го третираме во научните? Како и на кој начин ја пишуваме, нашата национална историја? Можеби кога ќе ги видите програмите на овие неколку катедри, ако веќе не сте го забележале, отсуството на цели клучни области (Археолошки институт), а наменско присуство на само одредени историски периоди (Институт за старословенска култура); ќе ви биде појасно зошто грижата за ,,идентитетот,, е декларативна и политичка, а не вистинска. Затоа што идентитетот со вака поставено образование и наука е строго контролиран, политички конструкт, а не производ на ослободена и либерална наука, и модерно и достапно за секого образование. Ова ,,достапно,, не се однесува за потенцијалните студенти, туку за потенцијалните професори, кои се ,,најстрого,, контролираната категорија кај нас; ,,кој смее, а кој не смее,, да биде предавач; што прави совршена синтеза со тоа ,,што смее, а што не смее,, да се предава на истите катедри и институти. Идентитет? Да, ама чиј и со каква намена?

Како ,,добар,, пример за конструираните и контролираните програми е токму Катедрата за археологија и историја на уметноста, и целата приказна околу археологијата кај нас. Катедрата, се уште не е специјализирана, и е заедно со историјата на уметноста, која иако е сродна, сепак е различна научна дисцплина. Специјализирана научна установа, Археолошки институт, не само што отсуствува, што е вистински регионален, европски и светски парадокс; со други зборови нема земја која нема археолошки институт, особено соседните земји; туку отпорот кон формирање на истиот, е партиски и клановски обединет. Има консензус во неразбирањето, негрижата и намерата да го нема. Во МАНУ има некои траги на некакво истражување. Ако, ја погледнете програмата за четиригодишното студирање, односно осумте семестри, специјализиран предмет за ,,Македонија,, ќе најдете само 3-4 (Античка уметност во Македонија, Антички епиграфски споменици во Македонија, Средновековно археолошки и уметничко наследство во Македонија); кои тоа ,,Македонија,, повеќе го третираат како географски, а не како историски или етнолошки предзнак. Сето друго е изгубено и претопено во општи поими: протоисториска, класична, балканска, византиска.

Со други зборови, или со политички конструираната дефиниција на нас ,,дојдените,, нашата археологија и историја, ја изучуваме како територија и географија, а не како ,,наша историја,,? Со таа и таква дистанца, од самите себе, кој точно идентитет, го негуваме, градиме и браниме? Ако, оваа самопоставена дистанца, ја префрлиме и на науката, која за жал е ужасно слаба и за наши ниски стандарди, а секако речиси целосно нерелевантна, со мали и ретки исклучоци, за европски и светски стандарди; што точно очекуваме од другите, кој точно тоа идентитет да ни го признаат и да не ни го оспоруваат? Дали сме сигурни, дека и ние самите знаеме и сакаме да знаеме, кој е нашиот идентитет? На страна емоциите и личните чувства, во научна смисла, од кого очекуваме, како држава, како наука, како образование, да ни каже кои сме и што сме; кога тоа и самите го правиме, со наметнати конструкти, внатрешни опструкции, запоставени и занемарени катедри и институти, контролирани тези и забранети и однапред ,,анатемисани,, прашања?

Ова е само врвот на сантата лед. Длабока е, мрачна е и неистражена. Исто како и нашата археологија и историја. Бидејќи археологијата и археолошките наоди се прашање на контекст, можеби е време за поинаков контекст. Време е јавноста да има увид, кој тоа и во какви услови се занимава со нашето заедничко минато, како се третира, кој го негува, а кој го искористува; време е за транспарентност и професионалност. Време е за ослободување на дискурсот, на јазикот, на науката. Време е за преиспитување на нашето образование и наука. Време е за пристап за сите кои знаат и умеат, време е за ,,неподобните,,. Ако за ништо друго, да не ни изгледаат толку апсурдни ,,барањата,, на Бугарија, на Грција, “суптилните” упади на Србија токму преку културата; да не ни изгледаат смешни и излитени фразите ,,не по цена на идентитетот,, кога тој и без цена на дневна основа се уништува. Свесно и несвесно. Но, не од надвор, туку од внатре. Прашањето кое се чини не го разбираме е: која е вистинската цена на нашето незнаење?