Величенствено отворање на „Охридско лето“

Голем број јавни личности синоќа беа дел од публиката на исполнетиот Антички театар во Охрид, на отворањето на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Меѓу нив претседателот Стево Пендаровски со сопругата, амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, градоначалникот на Охрид Пецаков со сопругата, познати лица од бизнисот, политиката, културата, вљубеници во музиката.

Најзначајната културна манифестација во земјава уште еднаш блесна со сиот свој сјај, а древната арена зрачеше со енергија каква што може да се почувствува само во овој уникатен амбиент.

Претседателот Пендаровски рече дека благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници.

„Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика. Конечно, по две години, во коишто пандемијата оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, „Охридско лето“ со квалитетна понуда на музички и на сценски настани се враќа на достоинствен начин, којшто и единствено му прилега“ рече тој.

Фестивалска вечер ја разубавија италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет.