Потрагата по младиот Мартин на Халкидики продолжува, и со дронови и со куче трагач

И денеска на Халкидики продолжуваат напорите за лоцирање на 31-годишниот Мартин кој изчезна во водите на Егејското море. Сега во потрагата се вклучуваат и воздушен дрон и куче трагач, објавија грчките медиуми. На петтиот ден од потрагата по Јовановски остануваат вклучени властите и волонтери.

Се очекува да продолжат да дејствуваат и пешадиските единици на спасувачите, а дрон ќе ја пребарува областа кон Аја Параскеви бидејќи е непристапна и не може да се стигне до таму со подводниот дрон.

Капетанијата на пристаништата ги продолжува увидите за лоцирање на 31-годишникот со брод, иако помина третиот 24-часовен рок што го предвидува грчкиот закон.

Но по комуникацијата на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи со грчкиот колега Никос Дендиас, потрагата ќе продолжи и по законскиот рок од 72 часа.

Братот на Мартин со објава на социјалните мрежи ја пренесува состојбата во која се наоѓа нивното семејство. Тој се заблагодари на македонскиот конзулат во Солун за координирање на истрагите како и на спасувачите на ОФКАТХ за континуираната помош во потрагата на отворено море за лоцирање на неговиот 31-годишен брат.

Тие апелираат до сите надлежни власти во Грција да не ја прекинуваат потрагата.

Потрагата на доброволците за лоцирање на Мартин во поширокото море во Посеиди продолжи и вчера, но без резултат.