Францускиот предлог утре пред пратениците, ќе им се обрати и Фон дер Лајен

Утре пред пратениците во македонското Собрание ќе се најде францускиот предлог, а седницата беше закажана откако Владата до Парламентот испрати дел од документите поврзани со предлогот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за истиот ден, половина час пред почетокот на оваа седница, закажа уште една на која обраќање ќе има претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Седницата на која пратениците треба да расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, е закажана во 13:30 часот.

Власта останува на ставот дека францускиот предлог е добар и оти треба да се прифати за да се крене бугарското вето и да се откочи процесот на евроинтеграција на земјава. Опозицијата е со спротивен став, а необјавувањето на протоколот и неговата содржина, според неа, фрла дополнителен сомнеж на тоа што го прави власта.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера оцени дека се неосновани стравувањата за бугаризација и дека станува збор за шпекулации што се користат за некој да добие политички поени.

Во оваа фаза, потенцира Османи, нема почиста формулација за јазикот како што има во рамката предложена од француското претседателство. Рамката нема врска со Протоколот, а Протоколот ќе биде објавен, како што рече шефот на дипломатијата, пред неговата средба со бугарската министерка Теодора Генчовска.

Според Османи, логиката да останеме блокирани за да не не блокира Бугарија во иднина, е ирационален пристап.

Тој објасни и дека унилатералните изјави немаат никакво правно значење, туку се само за домашна употреба.

-Бугарија, иако ќе каже нешто за својата јавност, ќе гласа за рамка во која македонскиот јазик е чист. И ние сега се обидуваме да се фатиме во нешто што е тотално неважно во услови кога првпат во нашата историја имаме ваков документ и предлог што го прифаќа Бугарија. Цело време бугарската позиција беше дека нема шанси во рамката да стои македонски јазик. Се бараше да стои „официјален јазик“ на Северна Македонија. Потоа имаше и други опции, за сега, ова решение да биде апсолутно чисто. Сами да ја напишевме рамката, не можевме поинаку да напишеме за јазикот. Тоа се формулациите, рече Османи.

Во однос на собраниската седница закажана за четврток, на чиј дневен ред ќе биде францускиот предлог, Османи истакна дека најважни ќе бидат заклучоците, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.

-Најважни ќе бидат заклучоците на Собранието во кои ќе се даде јасен мандат на Владата што може, а што не, во текот на преговарачкиот процес. Имам некои информации за какви заклучоци разговараат пратеничките групи. Мислам дека заклучоците ќе имаат важна тежина за да дадат насока, рече министерот.