Во Франција за едно деноноќие 108 починати од Ковид-19

Вчера во Франција беа регистрирани 108 смртни случаи од Ковид 19 вирусот, според најновите податоци на Јавното здравство во Франција. Хоспитализирани 18.605 пациенти, од кои 176 се во критична состојба.

Сето ова е во момент кога Европската унија препорача втора засилена вакцина против Ковид-19 на сите лица постари од 60 години, наместо 80 години досега, соочени со огромниот летен „бран“ што во Европа. Препораката важи и за сите ранливи лица, велат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Европската агенција за лекови (ЕМА) во заедничкото соопштение.

„Ги повикуваме земјите-членки веднаш да понудат втори засилувачи на сите постари од 60 години и ранливите луѓе, и ги повикуваме сите подобни луѓе да се пријават за вакцинација“, изјави Европската комесарка за здравство – Стела Киријакидес.

Во април, двете здравствени агенции на ЕУ веќе го препорачаа овој втор засилувач – во повеќето случаи четврта доза – за постарите од 80 години, но сигнализираа дека може да следи проширување за лица над 60 години.

„Европа се соочува со зголемување на случаите со Ковид, но и со нагорен тренд на бројот на хоспитализации или итни приеми во неколку земји, главно поради подваријантата БA.5 на Омикрон, која е позаразна“ – истакна директорот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести – Андреа Амон.