И по две поминати ноќи, се уште трае потрагата по третиот Македонец кого го одвлекле струите во Егејското Море кај Посиди, на првиот крак на Халкидики.
Двајцата негови другари, Васил Брезовски (25) и Иван (30) се спасени и тие се надвор од животна опасност.
Настанот се случил во саботата околу 15 часот кога тројцата другари го прославувале роденденот на Иван, по што решиле да влезат во морето. За кратко време, според изјавата на Брезовски, тројцата веднаш биле однесени од морските струи во длабокиот дел на морето.
Васил бил пронајден по неколку часа, а Иван беше спасен откако 18 часа издржал во водата благодарение на една топка која случајно дошла до него.
Во потрагата по исчезнатиот македонски државјанин, (според информациите неговото име е Мартин) учествуваат два патролни брода, седум чамци и еден хеликоптер.
Се трага и по брегот со неколку патролни возила и спасувачки екипи.