Во Берлин загриженост – Северен тек 1 од денеска без гас
Гасоводот што испорачува руски гас во Германија – Северен тек 1, од денеска нема да работи поради ремонт, како што претходно најави операторот, што ја зголемува вознемиреноста во Германија дека тоа може да значи целосно запирање на испораката.
Работата на гасоводот ќе трае 10 дена, до 21. јули, па за време на ремонтот повеќе нема да има испораки на гас од Русија за Германија.
Министерот за економија на Германија – Роберт Хабек изрази стравување дека Русија веќе нема да испорачува гас дури и по ремонтот.
„Се е можно, се може да се случи. Можеби ќе се испорачува повеќе гас, повеќе од досега, но може да има и целосен прекин на испораките“ – нагласи тој.
Русија уште во јуни значително ги намали количините што ги испорачува за Западна Европа, со објаснување дека има проблем поради турбина што недостасува.
Според податоците на Федералната агенција за мрежа, Германија добивала само околу 40 отсто од својот гас преку Северен тек.
Властите во Берлин претпоставуваат дека исклучувањето на Северен тек 1 може да трае подолго од најавеното, можеби и до две недели.