Брезовски: Нè однесе силната струја, не ни почувствуваме дека сме надвор од безбедната зона

Првиот од двајцата Македонци кои беа спасени на Халкидики – Васил Брезовски во изјава за тв Сител вели „не знаевме дека на таа плажа има толку силни струи, струите се спојуваат таму и предизвикуваат многу силна струја што носи сред море“.

„Пливајќи полека, полека нè однесе, додека не почувствуваме дека сме надвор од безбедната зона, односно не го допираме дното и веднаш се обидовме да отпливаме кон плажата, меѓутоа не успеавме ,јас и мојот пријател. Потоа, другарот почна да плива кон другиот пријател за да го спаси, но не успеа. Едноставно чекавме да дојде помош“ изјави Брезовски.

Тој објасни и како бил спасен од сурфер и од крајбрежната полиција.

„Мене ми помогна сурфер, кој за жал не можеше да ме извлече, ми рече да бидам мирен и да останам таму каде што сум додека не дојде полицијата или крајбрежната служба, па потоа тој замина да повика помош“ – вели Брезовски.

Додава дека откако тој бил спасен, потрагата продолжила по останатите двајца негови другари.

Васил им порача на грчките власти подобро да ги означат плажите за да туристите знаат што да очекуваат додавајќи дека некои од плажите служат само за уживање во глетката.

Инаку денеска околу пладне беше спасен и вториот македонски граѓанин – Иван, додека се уште трае потрагата по нивниот пријател, 28-годишникот кој според кажувањата на двајцата спасени, не бил баш најдобар пливач.