Заврши 17. Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2022

Со настап на шест фолклорни друштва, од Хрватска, Бугарија, Србија, Турција и Словачка и КУД „Вила Зора“ како домаќини, синоќа во Велес заврши 17. Интернационален фолклорен фестивал (ИФФ) „Велес“ 2022 на кој учествуваа 20 ансамбли од седум земји.

Фестивалот имаше четири вечери од кои две на отворено на сцената во Младинскиот парк и две на затворено, во салата на ООУ „Блаже Конески“, поради дождот.

Како што вели за МИА претседателот на Организацискиот одбор Томе Јаневски, синоќа бројната публика на бис ги врати гостите – фолклористи од ФТА „Дупница 2000“ од Бугарија, ФГ „Кочаели фолклор ГС.К.“ од Турција и ФА „Дружба“ од Словачка.

Јаневски го оцени фестивалот како еден од најуспешните досега и најави дека догодина ќе се погрижат да биде уште поуспешен, со покана на уште повеќе фолклорни друштва од повеќе земји.

На ИФФ „Велес“ 2022, по пауза од две години поради пандемијата, настапија 20 ансамбли од Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Слобачка и Бугарија, како и 13 ансамбли од повеќе градови во земјава од кои три фолклорни ансамбли од Велес и две пеачки групи.

-Настапите на фолкористите беа наградувани со силни аплаузи од публиката. Тоа и нејзината бројност се потврда за успешноста на фестивалот. Најважно е што учесниците меѓусебе се запознаа, се дружеа и преку фолклорот ги пренусуваат културните вредности и традиции на својата земја и ги запознаваат културните вредности на другите земји, потенцира Јаневски.

Според него, фестивалот ќе биде запамтен по отворањето со настап на 20 учесници на тапани од ФА „Гоце Делчев“ од Битола меѓу кои и една девојка, а на дефилето низ велешките улици настапија учесници со звуци на познати македонски ора и песни.