Финалните текстови од новиот коалициски договор за формирање на нова Влада на Бугарија се подготвени – во неа влегуваат четири партии „Промените продолжуваат“, Бугарската социјалистичка партија, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија.
Ова ќе биде најкомплексната коалиција што ќе ја има Бугарија – четирипартиска, што се случува првпат во 32 години.
Првичната верзија на договорот предвидува идната влада да има четворица вицепремиери, а партијата на Слави Трифонов да биде без вицепремиер, но со четири министерства.
Премиерот на Бугарија ќе биде од партијата победник на предвремените парламентарни избори – „Промените продолжуваат“.
Владата е предвидено да има и двајца вицепремиери кои ќе бидат нејзини министри за финансии и ефикасно владеење.
„Промените продолжуваат“ ќе имаат и министри за образование, здравство, внатрешни работи, одбрана, транспорт, како и министер за раст и иновации и култура.
БСП ќе има министер за социјала, вицепремиер и министер за економија и индустрија, како и министер за земјоделство и министер за туризам.
Партијата „Има таков народ“ ќе има министри за енергетика, за надворешни работи, за регионален развој и за спорт.
„Демократска Бугарија“ ќе раководат со министерствата за правда како и за е-влада и ќе имаат вицепремиер, кој ќе биде и министер за животна средина и води.
Бугарскиот претседателот Румен Радев идната недела ќе им го врачи мандатот за формирање на новата влада на Кирил Петков и Асен Василев, а тие за една недела ќе треба да го приложат списокот со номинираните кандидати за идни министри.