Пендаровски за „Етнос.гр“: Мали се шансите некој политички субјект да има двотретинско мнозинство за уставните промени

Имајќи ја предвид нашата длабока политичка поларизација, мали се шансите некој политички субјект да може да собере две – третини од парламентарното мнозинство за да ги поддржи промените на Уставот за вклучување на Бугарите, вели претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во интервјуто за „Етнос.гр“.

Во интервјуто за информативниот портал објавено денеска под наслов „ Стево Пендаровски за „Етнос.гр“:Барометар и за Балканот грчко- турските односи – Што вели за доцнењата во Договорот од Преспа“, претседателот говори за францускиот предлог, за решението меѓу Скопје и Атина и односите меѓу двете земји, за руското влијание во регионот и војната во Украина, за тоа како Северна Македонија гледа на релациите Грција – Турција, но и за тоа колку често го посетува јужниот сосед.

За францускиот предлог ги објаснува следните чекори што би следеле на патот кон ЕУ.

-Веќе го нареков како еден вид транзиционен компромис со една вродена блокада на патот. Имено, ќе ги отвориме преговорите, а тоа е најголемата придобивка од модифицираниот француски предлог, започнување на преговорите по 17 години чекање. Но, по скрининг- процесот, постои еден предуслов за продолжување на преговорите, а тоа е измена на Уставот за да се вклучат Бугарите во него. Имајќи ја предвид нашата длабока политичка поларизација, мали се шансите некој политички субјект да може да собере две третини од парламентарното мнозинство за да ги поддржи промените, вели претседателот.

Поголемиот дел од интервјуто е посветено на Договорот од Преспа, претседателот Пендаровски истакнува дека најголемото достигнување е членството во НАТО како директен ефект од решението меѓу двете земји, вели дека во нашата земја „многу луѓе сфатија дека промената на името не го поткопа нашиот национален идентитет, што беше наша најголема грижа во текот на повеќегодишните преговори“.