Инфлацијата во Македонија забрзано расте

Последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во земјава зема сè поголем замав и доколку не се преземат сериозни и навремени мерки, тоа може да доведе до уште подлабока економска криза, при што не се исклучуваат и социјални немири.

Ако се направи споредба на бројките што ги објави ДЗС, може да се забележи дека пред два месеца инфлацијата на месечно ниво изнесувала два отсто, потоа се зголеми на 2,2 отсто, за во јуни да достигне 2,8 отсто на месечно ниво, што е во спротивност на првичните проекции на Народната банка, која предвидуваше намалување на инфлацијата во овој период.

За да се спречи упад во уште поголема економска криза и социјални немири, експертите сугерираат дека е потребно носење нови мерки, кои ќе бидат во насока на сузбивање на инфлаторниот бран и негово ставање во предвидливи рамки, за да се заштити буџетот на граѓаните.

– Ако Владата не презема мерки, инфлацијата ќе прерасне во економска криза, а може да се претвори и во социјални протести од лица што ќе бидат отпуштени и осиромашени. Сведоци сме на една од најголемите стапки на инфлација последниве години, која дури сметам дека е уште поголема од официјалните бројки. Доколку во пресметката се зголеми учеството на горивата, инфлацијата ќе биде уште поголема. Сега за бензините ДЗС дава само 3 проценти пондерирање, а цените на бензините изминатиов период се зголемија дури за 60 проценти. Несфатливо е горивата да имаат толку мал удел во потрошувачката на домаќинствата. Поради малото учество, ударот не е толку голем и затоа и инфлацијата не е екстра-голема. Дека е само три отсто лично не верувам, што значи можно е инфлацијата да е уште поголема. – вели економистот Здравко Савески.