Без резултат е досегашната потрага во текот на ноќта во морскиот дел на првиот крак на Халкидики, по двајцата исчезнати, веројатно македонски државјани, а спасувачката акција продолжува и денеска како во море така и од воздух.
Според информациите на МИА од грчката крајбрежна служба, потрагата и денеска се води под лоши временски услови со силен ветер со јачина од шест бофори (над 40 километри на час), а во акцијата учествуваат бродови на крајбрежната служба, чамци и бродови што се во близина и хеликоптер.
Спасувачката акција започна вчера околу 19 часот по локално време, откако тројцата пријатели, на плажата Мити во Посиди, влегле во морето, но веројатно биле повлечени од струите и брановите, поради лошото време, а еден од нив беше спасен. Од Крајбрежната служба на Грција вчера потврдија дека спасениот е од Северна Македонија и станува збор за 25-годишно момче, кое е во добра здравствена состојба.
За останатите двајца, се претпоставува дека и тие се македонски државјани, меѓутоа нема официјална потврда од надлежните, иако грчките медиуми тврдат дека исчезнатите се од Северна Македонија. Според локалните медиуми, еден од тројцата пријатели имал роденден и дошле на Халкидики за да го прослават, а во некој момент влегле во морето да се капат, без да ги земат предвид силниот ветер и брановите. Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започнала и спасувачката акција. Градоначалничката на Касандра Анастасиа Халкиа за грчките медиуми објасни дека конкретната плажа е многу опасна за пливање бидејќи има морски струи и големи бранови.