Унапредувањето на патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за европскиот континент, порачаа високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Во тој контекст го поздравија, како што велат, компромисниот предлог меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел кревање на бугарското вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Суверената одлука на Собранието на Северна Македонија, ќе биде важна за земјата да се придвижи напред, сметаат тие.
Кога и дали Собранието ќе расправа за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка би можело да се знае утре на редовната координација во Собранието. Тогаш, според најавите, би требало да се разговара за ова. Дел од пратениците реагираа дека материјалите доставени до Собранието се нецелосни и побараа од претседателот на Парламентот Талат Џафери да ги врати во Владата како некомплетни.
Од власта и вчера порачаа дека предлогот е добар компромис и дека чекањето не ни оди во прилог. Од друга страна, опозицијата останува на ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе значи национално предавство.
-Во овој критичен момент од европската историја, обележан со неоправданата агресија спроведена од Русија против Украина, унапредувањето на патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент. Водени од заедничките вредности и стандардите и одредниците на ЕУ, двете земји се подготвени да го направат следниот чекор кон членство во ЕУ, велат во заедничката изјава Борел и Блинкен.
Тие го поздравиja компромисниот предлог меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој, како што велат, ги зема предвид интересите и грижите и на Северна Македонија и на Бугарија, а е заснован на меѓусебно почитување, доверба и разбирање.