Ковачевски: Трети страни не сакаат да видат прогрес во оваа држава

Доцна вечерва се огласи премиерот Димитар Ковачевски. Тој вели дека оваа Влада покажала исклучителна отвореност.

Сакам да ја уверам јавноста дека оваа Влада е посветена на креирање амбиент во кој граѓанското општество игра клучна и трансформативна улога, а со крајна цел европеизација на нашето општество. Нашата заедничка цел е да креираме општество во кое европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаквост како и владеењето на правото, го имаат приматот.

Граѓанските организации сметам дека се клучни чинители во општеството. Како Влада не отстапуваме од заложбите да ја зајакнеме улогата на граѓанскиот сектор, да промовираме партиципативност, но и реални механизми за директно учество на граѓанските организации во сите важни процеси. Во повеќе наврати досега ја обезбедуваме и гарантираме нивната вклученост во креирањето на политиките, но и одлуките кои ги носиме.

Во граѓанските организации исто така гледам партнер со кој заеднички и успешно ќе се справиме со сите дезинформации кои ни се препрека во процесот на европските интеграции и аспирации. Ова прашање е исклучително важно, особено во дадениот контекст, и затоа апелирам да бидеме агилни во креирањето отпорност кон очигледните интереси на трети страни кои едноставно не сакаат да видат прогрес во оваа држава. Ова е особено видливо преку лажните вести, шпекулции и манипулации на кои сме сведоци во изминатиот период.

Она што сакам да го потенцирам е дека оваа Влада покажа исклучителна отвореност и капацитет за унапредување на условите за вклученост на сите релевантни чинители во процесот на креирање политики и носење важни одлуки. Продолжуваме и понатаму, активно и заедно со партнерите од граѓанското општество да создаваме подобро општество и подобар квалитет на живот за сите граѓани.