„Како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, денес испративме писмо до Претседателот на Собранието Талат Џафери со кое што бараме Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија, која што вчера беше пратена до Собранието, да ја врати во Владата бидејќи не содржи ниту еден документ. Ова е класична девастација и девалвација на Собранието и ова е класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на законодавниот дом“ изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Како што рече, материјалот што е стасан од Владата во Собранието се заснова на информација за предлог преговарачката рамка од еден лист.
„Текст од една страна е целиот материјал што Владата го испрати за одлучување во Собранието врз основа на кое што треба пратениците да се изјаснат за иднината на Република Македонија. Срамота за државата, стамота за Владата, а уште поголема срамота за Собранието кое што прима вакви документи.
Никаде во испратениот материјал ги нема,
• Документот со заеднички став на ЕУ,
• Предлог преговарачката рамка на ЕУ односно општиот став на ЕУ,
• Предлог-заклучучоците на Советот и
• Билатералниот протокол помеѓу Македонија и Бугарија, за кој што и министерот Османи и министерката Генчовска изјавија дека е усогласен“ – вели Мицевски.
Тој посочува дека криењето на овие документи, само ја зголемува загриженоста дека овој пакет на документи е штетен за Македонија. Мицевски апелираше до новинарите, да направат со нив заеднички притисок за македонско-бугарскиот протокол да биде објавен веднаш.
„Ги повикувам и пратениците од власта да направат притисок, да ги добијат сите релевантни документи, влучувајќи го и билатералниот протокол врз основа на кои што ќе можат да решаваат и да носат одлуки и да не дозволат да бидат повторно гласачка машина на веќе договорени процеси на Владата и челниците на Собранието. Ова е класичен пример за префрлање на одговорноста за штетниот француски предлог врз пратениците. Се работи за Меѓувладина конференција која што ја одобрува и потпишува Владата, а не Собранието да ја задолжува Владата со заклучоци. Нема да дозволиме да се кријат зад нас пратениците и токму затоа го повукуваме Џафери, да не го вовлекува Собранието во оваа игра на Владата“ – вели Мицевски.