„Имаше еден вид цензура во `Шарената револуција`, имаше многу граѓани кои формираа политички барања, можеа да се идентификуваат за што се залагаат. Ова што го гледаме деновиве е поинакво, има одредени сили, политички партии кои сето тоа го носат, но пораките не верувам дека се случајни. Граѓаните треба да внимаваат кои сили ги водат. На партиите тоа им е работа, се обидуваат да го инструментализираат незадоволството, а тоа е големо и сите го чувствуваме, затоа треба граѓаните да не дозволат да бидат злоупотребени“ – вели универзитетскиот професор Јордан Шишовски во најновото издание на Трилинг.
Шишовски смета дека „секогаш има провокатори и ги имате видливите провокатори (полицаец во цивил кој ќе фрли камен), но клучен фактор во вид на провокатори, агенти кои на долг рок се обидуваат да ги радикализираат. Сите радикални пораки мора да се тргаат на страна. Она што го гледам, да се ставиме во фотелјата на Оливер Спасовски, гледаме незадоволство, ДПМНЕ секогаш се на граница, кокетираат со русофилија, со албанофобија, но никогаш не одат до крај, тоа е преговарачка тактика. За СДСМ, има потреба страшило, кое ќе ги оцрни протестите. Кое ќе ја докаже тезата дека руски агенти создаваат екстремизам“.
„Апасиев мислите случајно се сретна со рускиот абмасадор. Тоа е, според мене, страшилото кое што треба да ги оцрни протестите, да ја турне ВМРО-ДПМНЕ во радикализам, да создаде хаос, кој од обичните провокатори ќе ескалира. Да сум јас Спасовски, Апасиев за мене ќе е идеален кандидат за агент-провокатор. Треба да се тргнат ваквите расипани јаболка на страна, ако сакаат движењето да ја постигне својата цел“ вели професорот.
Тој е со став дека „македонско-бугарските односи се комплексни, многу сме испреплетени. Вината за ескалацијата ја лоцирам во Договорот за добрососедство кој беше донесен на избрзан начин, има фабричка грешка, членот 8, каде се договараат постигнување на научна вистина. Карактерот и лидерските вештини на Заев, во Бугарија добија надеж дека ќе добијат многу, изгубија многу, па почнаа да провоцираат, да не омаловажуваат. И третиот и клучен фактор – молкот на македонските институции. Во нападите на Каракачанов, Захариева, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту МНР не реагираа. Молчеа“.
„Опозицијата не нуди решение, алтернатива гледаме само НЕ. Јас сум против францускиот предлог, но си го поставувам прашањето – што ако не овој предлог. Треба да се креира план Б“ вели Шишовски.