Предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, а која ја претстави Француското претседателство со Унијата е проследена во Законодавниот дом на разгледување и носење натамошни заклучоци согласно со процедурите.
Одлуката за тоа ја донесе Владата вчера на седница, откако ја разгледа информацијата од Министерството за надворешни работи за предлогот, што стигна во Собранието, но седница се уште не е закажана.
Активностите на граѓаните кои протестираа против францускиот предлог во изминатите шест дена, денеска продолжуваат со блокади низ државата, а протест повторно е најавен за в недела во 19 часот.
Блокади се најавени во периодот од 13 до 14 часот во Скопје пред Владата, како и на магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.
„Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одлагање претставува еден од клучните исчекори во односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, за реализирање на стратешката цел за полноправно членство во ЕУ“ – порачаа од Владата во информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните прговори на Република Северна Македонија со ЕУ, предложена од Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година.
Во Информацијата е наведено дека предлог преговарачката рамка е подготвена согласно со член 49 од Договорот за Европската унија и сите релевантни заклучоци на Советот на ЕУ, особено оние од 25 март 2020 година со кои беше усвоена зајакната методологија за проширување и донесена одлука за почеток на преговорите за пристапување со Република Северна Македонија.
Со заклучоците од 25 март 2020 година се поздравува демонстрираната решеност на Северна Македонија за унапредување на реформската агенда поврзана со пристапниот процес, постигнатите конкретни и одржливи резултати и исполнетите услови од страна на Северна Македонија за почетокна пристапните преговори.
Рамката се осврнува на потребата од ефикасно исполнување на стандардите и критериумите за членство кои произлегуваат од копенхашките критеруми и процесот за стабилизацијаи асоцијација, а чие исполнување води кон стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човековите права и почитување и заштита на малцинството, функционална пазарна економија – способна да се справи со кнкуренцијата и пазарните сили во ЕУ, способност да се прифатат и ефикасно да се спроведат обврските од членството, вклучително и придржување кон целите на политичката економска и монетарна унија, како продуктивна регионална соработка и добрососедски односи.
Поради францускиот предлог изминатите шест дена се одржаа протести под мотото „Ултиматум, НЕ, благодарам“ пред Владата и Собранието, а синоќешните поминаа мирно и без инциденти за разлика од претходните во кои беа повредени полицајци и приведени демонстранти.
На воздржаност од насилство на протестите вчера повикаа и од американскиот Стејт департмент, а претходно такви апели упатија и од Министерството за внатрешни работи, валдините функционери, како и лидерите на партиите, кои пак упатија меѓусебни обвинувања за провокации.