За една недела бројот на ковид позитивни случаи во земјава е зголемен за околу 65%. Засега, Комисијата за заразни болести не препорачува нови мерки, а остануваат да важат актуелните мерки за задолжително носење маска во јавниот превоз, здравствените домови, аптеките, старечките домови и домовите за лица со попреченост.
Во изјава за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ истакна дека со цел да се донесат нови мерки потребно е да се следат и други параметри, како што се болничките капацитети и бројот на починати од дневните КОВИД-статистики.
„Комисијата за заразни болести во изминатиот период најави дека мерките што ќе се носат, а ќе бидат во насока на превенција и ќе бидат согласно параметрите што ги следиме од Центарот за контрола за болести, а тоа не е само бројката на новозаразени, туку се и болничките капацитети, односно исполнетоста на болниците, како и бројот на починати што се регистрираат согласно дневните Ковид статистики“ рече Мехмедовиќ.
Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот. Чевртата доза можат да ја примат сите граѓани над 18-годишна возраст кои примиле три дози вакцина против КОВИД-19, на сите вакцинални пунктови без закажување.
Вакцинацијата со четврта доза, како што соопшти Министерството за здравство, е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.
Болничките услови на Клиниката за инфективни болестизасега не се исполнети и има доволно болнички капацитети што можат да се стават на располагање, но зголемен е бројот на амбулантни прегледи на Клиниката.
Во текот на вчерашниот ден, согласно податоците од Институтот за јавно здравје направени се 1.129 тестови, регистрирани се 355 случаи на КОВИД-19, од кои 89 се реинфекции. Активни се 1474 случаи на коронавирусот.