Алијанса за Албанците ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската Алијанса за Албанците ја прекинува соработката со сите политички субјекти кои прават политичко профитерство со анатемизирање на Албанците, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, партијата со која соработуваше на последните локални избори.

Ова следува по последните случувања околу протестите во Скопје против францускиот предлог, меѓу кои и вчерашните настани поврзани со групата што се појави кај плоштадот Скендербег која ги нападна демонстрантите што маршираа во тој дел од градот. „Масло на огнот“ се чини дофрли градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска која го разреши од директорското место во скопски „Комуналец“, Зуди Кока, член на АА и брат на Цуфи Кока, кој синоќа пукаше пред плоштадот „Скендербег“.

Прекинувањето на соработката со политички партнери, меѓу кои и со ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција ја соопшти генералната секретарка на АА, Вјолца Бериша.

„Контаминацијата и метастазирањето на Левица во ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на заедничките сценарија на ДУИ и ВМРО како во времето на груевизмот, сега со поддршка и на СДСМ, се лесни за читање и неприфатливи за АА. Не дозволуваме да бидеме ниту дел, ниту жртва на вакви сценарија. АА не дозволува повредување на Албанците, ниту омаловажување на Албанците, ниту нарушување на гордоста на Албанците. Затоа, без оглед на постојаните тенденции за извалкување на АА, нејзиниот чист и прав пат, кон западните вредности, кон целосна рамноправност на Албанците овде во Северна Македонија, објавуваме дека соработките кои се обидоа да и ги подметнат на Алијансата се само инсинуации во болните умови на нашите политички опоненти“ – рече Бериша на прес-конференција.

АА, додаде таа, е на Албанците и на народот и во алијанса со НАТО и Западот и никој друг.

„За да го потврдиме тоа, како резултат на последните случувања, антиалбанските повици, сценарија кои нашиот здрав разум не може ни да ги разбере, прекинуваме секаква соработка сè додека овие политички субјекти не ја рефлектираат и запираат логиката на политичко профитерство со анатемизирање на Албанците“ – изјави Бериша.