Пред владината зграда вечерва под мотото „Ултиматум не, благодарам” почна шестиот по ред протест против предлог-преговарачката рамка за пристапните прговори на државава со ЕУ, предложена од Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни годинава. Според најавите, од Владата протестот ќе продолжи со марш до Министерството за правда, а ќе заврши пред Собранието.
„Нема враќање чекор назад. Нема отстапување од Македонија. Денес продолжуваме, масовно, мирно и гордо пред Влада, преку Министерството за правда каде ќе порачаме дека нема промена на Уставот за внес на Бугарите, затоа што Уставот не е Википедија, и ќе завршиме пред Собраниетo“ – соопштија од иницијативата „Ултимату-Не благодарам”.
Во пресрет на протестот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати апел до граѓаните и политичките партии кои сакаат да го искажат своето право на протест, тоа да го сторат на начин преку кој, како што наведе, ќе демонстрираат демократски капацитет, со должно почитување на законските одредби за јавни собири, како и почит кон должноста на полициските службеници во обезбедувањето на мирот и стабилноста.
Владата до Собранието доцна попладнето ја достави предлог преговарачката рамка, а според собраниската прес-служба, седница не е планирана за вечерва.
За време на вчерашниот протест против францускиот предлог беа повредени тројца полициски службеници, а приведени пет лица.