Никос Панајотопулос – министерот за одбрана на Грција вели дека „безусловното доделување на македонски идентитет и македонски јазик на соседите, беше мега грешка“, но сепак истакнува дека Договорот од Преспа не може да се ревидира и односите меѓу двете земји треба да се развиваат.
Тој рече дека лично бил меѓу оние кои „многу гласно во Парламентот говореа против Договорот од Преспа“ и посочи дека останува на неговото мислење дека документот има сериозни проблеми.
„Мега грешка беше безусловното доделување на македонски идентитет и македонски јазик на соседите, нешто што во овој момент создава проблеми на интегративната перспектива на Северна Македонија со приговорите искажани од соседите, Бугарите, кои секогаш поддржуваа дека не постои македонски јазик, туку говориме за словенски дијалект, локален идиом“ рече министерот за одбрана.
Тој објасни дека „како што е случај и во трговијата, по оддалечувањето од касата, никаква грешка нема да се признае, така и еден меѓународен договор е многу тешко да се ревидира особено кога се поврзува со влез во НАТО“.
Панајотопулос додаде дека „е многу тешко да се смени и еден договор за закуп на трафика, ако веќе е потпишан, а не пак меѓународен договор“.