Тупанчевски: Најдоцна утре на ЕНЕР ќе биде прикачена драфт верзијата на новиот Кривичен законик

„Во текот на денешниот ден, најдоцна утре на Електронскиот национален регистар на прописи – ЕНЕР ќе биде прикачен еден прилично значаен законски текст, односно драфт верзија на Кривичниот законик“, рече министерот за правда Никола Тупанчевски на денешната прес-конференција.

Тупанчевски појасни оти станува збор за еден од позначајните законски текстови и акти.

„Решивме концепциски тоа да биде на линија или согласно стратегијата за реформа на правосудниот сектор, да не се оди сегментарно во измените на Кривичниот законик, туку напротив, да се донесе комплетно нов Кривичен законик, кој ќе ги опфати сите сегменти на општественото живеење во државата“ – појасни Тупанчевски.

Додаде дека била формирана помала група, прво во септември 2019 година, а потоа уште една во декември 2020 година, којашто, според него прилично напорно работеше интензивно во изработка на Кривичниот законик.